АКЦЕЛЕРАТОР УКИМ: КОНТИНУИРАНА ПОДДРШКА ЗА РАСТОТ НА МАКЕДОНСКИОТ СТАРТАП ЕКОСИСТЕМ

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

Акцелераторот УКИМ преку програмите EIT Jumpstarter 2022 и АПА2022 им овозможува на македонските иноватори да го остварат својот сон: да го развијат бизнис моделот за технолошкото решение и да го освојат глобалниот пазар.

Основан во 2018 година, Акцелераторот УКИМ уште од самиот почеток континуирано развива специфични програми за поддршка на растот на најперспективните технолошки претприемачи, стартапи, спин-оф и брзо растечки компании во Северна Македонија во соработка со неговата глобална партнерска мрежа. Акцелераторот УКИМ имаше прилично исполнета агенда во 2021, со повеќе активности, проекти и настани со заедничка цел – поддршка на македонскиот стартап екосистем. Со тимот од Акцелератор УКИМ, извршниот директор Александар Стамболиев, финансиската директорка Нина Атанасовска и оперативниот директор Перица Врбоски направивме преглед на најзначајните проекти што ги спроведе акцелераторот,  кои се придобивките од нив за домашните претприемачи, но и активностите што допрва ќе се случуваат.

 

Нина Атанасовска, финансиска директорка на Акцелератор УКИМ​

Нина, кои беа најзначајните активности на Акцелераторот УКИМ изминатиов период?

Во текот на изминатата година, Aкцелераторот УКИМ беше доста активен преку учество во голем број на програми, проекти, како и сопствената акцелераторска програма АПА 2021. 

Ја започнавме годината со учество во глобалниот предизвик на ФИА Регион 1, а во соработка со  АМСМ, во којшто 2 тима од Македонија стигнаа до глобалното финале. Понатаму, како локален партнер на Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ) за програмата EIT Jumpstarter, минатата година за првпат ја организиравме работилницата за Македонија, на којашто детално го објаснивме процесот од аплицирање до финалната фаза, како и сите можности коишто понатаму ги нуди оваа програма, распространети низ целата мрежа на ЕИТ.

Имено, ЕИТ претставува организација формирана од страна на Европската унија во 2008 година и интегрален дел од програмата Хоризонт Европа, со цел да ги зајакне иновациите во Европа и во својата мрежа располага со голем број на универзитети, акцелератори и институции коишто ги поддржуваат иновациите, а EIT Jumpstarter претставува почетен чекор кон поврзување со нив. Минатата година, помеѓу вкупно 42 тима во големото финале се најдоа и два тима од Македонија, што го сметаме за особен успех. Горди сме што нашата соработка продолжува и оваа година, па веќе на 30 март ќе ја одржиме работилницата за 2022 година со што активно се вклучуваме во процесот на поддршка на нашите тимови коишто ќе аплицираат.

Минатата година спроведовме и акцелераторска програма наречена АПА 2021, која имаме за цел да ја спроведуваме секоја година и би сакале да стане наш заштитен знак, а беше поддржана од страна на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) преку програмата за поддршка на стартапи Star venture.

Што претставуваше всушност оваа програма?

Во неа учествуваа 17 стартапи во напредна фаза, коишто преку специјализирани сесии со реномирани експерти го унапредија своето знаење и развија конкретни насоки за развој на своето решение/ производ. Областите коишто ги дефиниравме како најсоодветни на фазата на развој во којашто се наоѓаат учесниците, беа: валидација на решението/ производот; клиенти, конкуренција и пазар; продажба, маркетинг и ценовна стратегија и финансиски план и проекции.

Програмата заврши со демо ден, на кој сите учесници го презентираа напредокот којшто го постигнале преку програмата, пред Одборот на директори на акцелераторот УКИМ и менторите.
Од нив, Акцелераторот УКИМ избра две компании (Синдекс и Брандер Студио) за кои смета дека имаат најголем потенцијал и инвестираше по 25.000 евра, со можност за дополнителна инвестиција од по 75.000 евра во двете компании. Освен финансиската инвестиција, акцелераторот обезбедува поддршка на своите инвестиции во областите во коишто смета дека е најпотребно, како на пример, развивање на маркетинг и продажна стратегија, финансии и слично, со цел да помогне во скалирање и глобален успех на решенијата.

Александар Стамболиев, извршен директор на Акцелератор УКИМ
10.000 евра за најдобрите учесниците во BAU EIT Jumpstarter 2022

Александар, кои се придобивките од учество на програмата EIT Jumpstarter  за иноваторите и македонската академска заедница?

Како што спомна веќе Нина, Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ) е независно тело на ЕУ формирано во 2008 година, ги поттикнува иновациите и претприемништвото низ Европа за да се обезбедат напредни решенија за некои од нејзините најголеми предизвици.

  • Своите активности ЕИТ ги спроведува преку следниве специјализирани заедници за иновации: Здравство – EIT HEALTH; Агро-храна – EIT FOOD; Суровини – EIT RAW MATERIALS; Производство – EIT MANUFACTURING; Урбана мобилност – EIT URBAN MOBILITY, Енергија – EIT INNO ENERGY, Дигитални решенија – EIT DIGITAL, Климатски промени – EIT CLIMATE и од 2021 новата ЕИТ БАУХАУС.

Тоа е што е особено важно за македонската публика е програмата EIT Jumpstarter, која започна со работа во 2017 година, а од 2021 година Акцелераторот УКИМ е локален партнер за Македонија.

Целта на EIT Jumpstarter да се ослободи потенцијалот за иновации во новите европски региони на иноваторите и научниците од Јужна и Источна Европа обезбедувајќи меѓународни можности и пристап до знаење за да се овозможат поголеми шанси во комерцијализација на нивните решенија. За програмата во 2021 година се пријавија 548 апликанти, а се обучија 220 тима од 25 земји, од кои се креираа 25 стартап компании. Особено сме горди на 2 македонски решенија (ФИКСИГО и Скопје Зелен Град) кои пристигнаа во финалето.

Годинава има повторно повик за EIT Jumpstarter?

Повикот EIT Jumpstarter 2022 е отворен до 10.04.2022 и нуди:

  • пристап до знаење за трансформација на истражувањето во бизнис идеја,
  • грантови од ЕИТ и можности за инвестиции од Акцелераторот УКИМ.

Отворениот повик за иноватори со идеја за производ или услуга кои сакаат истиот да го пласираат на пазарите во следниве индустрии: здравство, агро-храна, суровини, производство, урбана мобилност, енергија и Баухаус, преку програмата EIT Jumpstarter во 2022 ќе ги добијат следните придобивки: (1) Поддршка за креирање на бизнис модел за вашата иновативна идеја: (а) како да ja валидирате вашата идеја, (б) сегментација на пазарот, (в) понуда за вредност на клиентите, (г) финансии и основи на инвестиции, (д) правни основи; (2) Пристап до европските пазари и поврзување со шесте големи индустриски партнери на ЕИТ: GE Healthcare, Siemens, Philips, Roche, Bosch, Nestlé, Pepsico, Maspex и други; (3) Поддршка за патување и сместување и (4) Парична награда од €10.000 за најдобрите тимови во секоја категорија.

За избраните идеи и тимови во EIT Jumpstarter 2022 следат неколку специјализирани обуки преку кои на најуспешните се обезбедени околу 100 часа знаење за креирање на нивниот бизнис модел низ: (1) Онлајн обуки (bootcamps) кои ќе се одржат во Мај и Јуни за 210 тимови, со следната селекција ќе бидат избрани 105 тимови за учество на (2) локалните обуки кои ќе се одржат во Јули и Септември што треба да ги номинира најдобрите 42 тимови во (3) финалето кое ќе се одржи во Ноември. На приложениот графикон слика можете да ги видите сите активности.

Со цел да се обезбедат поголема информираност на македонската заедница на иноватори и претприемачи, Акцелераторот УКИМ го организира EIT Pre-Jumpstarter 2022 на 30 март на кој ќе може да дознаат што е EIT Jumpstarter, кој може да аплицира и придобивките од учеството, ќе научат како успешно да ја пополнат апликацијата за да ги изберат во EIT Jumpstarter 2022, ќе се запознаат со интересни бизнис идеи и ќе дознаат каде да добијат поддршка, ќе ги запознаат придобивките и како да ги користат во развојот на нивниот бизнис и ќе го вежбаат својот „elevator pitch“, кој ќе ги освои срцата на идните инвеститори.

Ги покануваме да се приклучат на EIT Pre-Jumpstarter 2022 закажана на 30 март 2022 со регистрација на следниот ЛИНК, а за повеќе информации посетете не https://accelerator.ukim.mk/eitjumpstarter2022/

Перица Врбоски, оперативен директор на Акцелератор УКИМ
25.000 евра за учесниците во БАУ АПА2022

Перица, што нуди Акцелераторската програма АПА којашто ја спроведовте лани?

Минатата година, Акцелераторот УКИМ во соработка со програмата Star Venture на ЕБОР ја спроведе Акцелераторската Програма Есен 2021 година (AПA2021), во која се вклучија реномирани локални, регионални и глобални експерти, а четири глобални успешни стартапи ги споделија своите приказни, успеси и неуспеси. 

Преку менторската програма, експертите со своето разновидно искуство и знаење обезбедија вредни перспективи за усовршување на учесниците во АПА2021 и ги подготвија за инвестирање и освојување на пазарот. Како резултат на оваа програма, Акцелераторот УКИМ финансираше две решенија, решението Lista и во играта SciGirl: The Internship, и очекува да инвестира уште во неколку стартапи од учесниците во АПА2021.

Основан во 2018 година, Акцелераторот УКИМ уште од самиот почеток континуирано развива специфични програми за поддршка на растот на најперспективните технолошки претприемачи, стартапи, спин-оф и брзорастечки компании во Северна Македонија во соработка со неговата глобална партнерска мрежа.

Охрабрени од интересот за АПА2021 и бројот на прифатени стартапи за учество во минатата година (вкупно 17), Бизнис акцелераторот УКИМ и оваа година објавува повик за Акцелераторска програма (АПА 2022) за поддршка на напредните стартапи и брзо растечките компании кои се подготвени да го освојат глобалниот пазар. Новиот повик за апликации, отворен до 31 мај, претставува уште една одлична можност за македонските стартапи да добијат финансирање и менторска поддршка. 

Што ќе понуди АПА 2022?

Поддршката на Акцелераторот УКИМ вклучува финансирање во рана фаза од минимум 25 илјади евра и приспособено менторство за пристап до регионални и меѓународни пазари и клиенти, продажба и маркетинг како и поддршка за подобрување на бизнис моделот и пристапот до финансирање. Овие области ќе им помогнат на стартапите да ги претворат своите иновативни решенија во профитабилен бизнис. Како ментори за поддршка на стартапите ќе бидат вклучени реномирани светски и регионални експерти. Ќе бидат организирани минимум 12 сесии со истакнати ментори и безброј часови посветена работа од страна на тимот на Акцелераторот УКИМ со поддршка од своите локални и регионални партнери.

Акцелераторската програма, вклучително работилниците и менторските сесии, ќе се одржуваат онлајн или комбинирано во зависност од актуелните здравствени антиковид-протоколи. Ќе бидат организирани и демо денови што ќе им овозможи на стартапите да го претстават својот напредок и потенцијал пред меѓународните и локалните ментори и инвеститори.

Акцелераторот УКИМ очекува стартапи со посветен тим од најмалку двајца членови со иновативна идеја и глобална визија за раст, со минимум 51 процент македонска сопственост и со дефинирана интелектуална сопственост, кои се заинтересирани за работа со глобални експерти, да слушнат и споделат искуство со успешни стартапи, да добијат професионално менторство, мрежа на контакти, и финансирање од Акцелераторот УКИМ.

Она што е карактеристично за оваа програма е што селектираните стартапи ќе добијат финансирање од 25 илјади евра пред започнување на програмата, која ќе се спроведува 12 недели во периодот од септември до декември 2022 година. 

Што рекоа за БАУ АПА2021

Искуството со коешто се здобивме преку акцелераторската програма АПА 2021 беше од големо значење за тим како нашиот, којшто работи на своето решение веќе 2 години во индустрија којашто не е многу застапена во Македонија. За времетраењето на акцелераторската програма, со помош и поддршка на тимот на акцелераторот УКИМ и менторите, успеавме да навлеземе подлабоко во анализа на конкуренцијата и да ја развиеме основата на продажните и маркетинг канали. Многу сме им благодарни за можноста којашто ни ја дадоа и довербата да станат наш стратешки партнер во растот на компанијата“ – Михајло Штерјов од Синдекс и креатор на решението SciGirl: The Internship (на фотосот трет од десно).

„Оваа програма и менторите кои беа вклучени во неа ни помогнаа да го премостиме јазот меѓу тоа каде се наоѓаме и каде сакаме да бидеме пред лансирање на нашиот производ. Како резултат на ова, сега сме подобро подготвени за да ги предвидиме ризиците и да се соочиме со предизвиците на патот“ – Славе Ангелов од Брандер Студио,  креатор на решението Листа (на фотосот трет од лево)

Share this post with your friends

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin