БАУ ќе придонесе за развој и комерцијална примена на иновациите

Интервју со Јаглика Јорданова Андријеска, ACCA, Друштво за ревизија РСМ Македонија

 

  1. Заедно со уште три партнер институции сте ко-основач на Бизнис Акцелераторот УКИМ. Зошто светски давател на ревизорски, даночни и консултантски услуги на глобални организации се вклучува во поддршка на БАУ?

РСМ Македонија е семејна компанија која делува на македонскиот пазар повеќе од 15 години и е дел од РСМ мрежата на ревизорски, даночни и консултантски куќи. Како реномирано ревизорско друштво се стремиме да бидеме дел од светските трендови, да ги унапредуваме финансиските услуги, како и да дадеме свој придонес кон развојот на дигиталните иновации. Нашето ко-основање на Бизнис Акцелераторот УКИМ можеме да го гледаме од повеќе аспекти. Најпрво, БАУ како еден од првите бизнис акцелератори во нашата држава ќе придонесе значајно за развојот и комерцијалната примена на иновациите, што е неминовен аспект од општествената одговорност на нашата компанија. Второ, како консултантска компанија преку овој проект им овозможуваме директен пристап на старт ап компаниите до нашата најголема додадена вредност, а тоа се советите и споделените искуства на нашиот тим. И трето и ние како компанија работиме со цел остварување на добивка и во ко-основањето на БАУ гледаме можност за остварување на поврат од инвестициите во старт ап компаниите. Останатите ревизорски и консултантски мрежи дури сега почнуваат да го осознаваат потенцијалот на овој пазарен сегмент.

  1. Како Вашата експертиза и користи на старт ап компаниите? На кој начин помагате во функционирањето на овој бизнис акцелератор?

При започнување и водење на бизнисот, клучен фактор за успешноста се финансиите. Во пракса има примери на доволно иновативни идеи за развој на бизниси, меѓутоа заради отсутноста на знаење од областа на финансиите, тие не го оствариле својот потенцијал. Затоа, РСМ Македонија како консултантска куќа може да биде столбот за стабилно одржување и планирање на финансиите во работењето на компаниите. Исто така, РСМ Македонија, како дел од светската РСМ мрежа може да им помогне на старт ап компаниите во ширењето на странски пазари, со тоа што обезбедува лесен и брз пристап до сметководствени, даночни и консултантски услуги, со своето присуство во повеќе од 120 држави со повеќе од 800 канцеларии и повеќе од 43.000 вработени низ целиот свет.

РСМ Македонија е вклучена во сите аспекти на работењето на БАУ, но секако најмногу придонесува во дејностите кои се и јадро на нашето работење. Најпрво тука мислиме на процена на финансискиот потенцијал на старт ап компаниите кои аплицираат за програмите на БАУ, длабинска анализа на нивното работење (due diligence), а понатаму и консултантска поддршка во процесот на раст и развој. Се разбира, вклучени сме и во работењето на самиот акцелератор, преку спроведување на финансиското и даночно планирање и реализација, контрола на финансиските извештаи, правни услуги и поддршка на сметководството.

  1. Како ја оценувате македонската старт ап сцена? Постои ли инвентивност кај младите во Македонија?

Најголем дел од инвентивноста и енергијата на македонската старт ап сцена секако ја носат младите. Верувам дека има многу млади кои се способни да бидат основачи или да играат клучни улоги во работењето на старт ап компании, кои ќе ја донесат нашата земја во нова ера на дигитални и технолошки иновации. Најчестите два фактори кои забележувам дека недостигаат за успех на младите се храброста за започнување и водење на бизнис и искуството од реалната економија. Од друга страна тие кои што се охрабриле да започнат свој бизнис базиран на иновации се соочуваат со недоволна поддршка во најразлични сфери, од финансирање до технички ресурси и искуства. На младите компании, како и на секој организам во фазата на развој, им е потребно „држење за рака“, а посебно во областите кои не се нивна специјалност. Затоа, специјализираната стручна поддршка и финансирањето на старт-ап компании се основните цели на БАУ. Нашето знаење акумулирано преку искуството е тоа со што најдобро можеме да придонесеме кај нашите идни инвестициски остварувања во акцелераторот. Затоа, сметам дека е ова совршена комбинација за успех, а БАУ неминовно ќе придонесе кон подобрување и зголемување на, во моментов, недоволно развиената старт ап сцена во нашата држава.

РСМ Македонија е компанија со околу 40 вработени, која има и програма со УКИМ за стипендирање на студенти, од кои веќе неколку, по завршување на факултетот, се дел од нашиот тим и значајно придонесуваат со своите идеи за развој на нашите услуги.

  1. Што може да очекува од Вас еден старт ап бизнис доколку го поддржите преку Бизнис Акцелераторот УКИМ?

Кај нас постои одредена перцепција за сметководствените компании, како компании со кои мора да се воспостави деловна соработка само заради исполнување на законските обврски за водење на сметководството. Повеќето компании не ја гледаат додадената вредност што може да ја обезбеди сметководствената компанија во поглед на консултантски услуги. РСМ Македонија има големо искуство во работењето со старт ап компании, и нуди специјализирани пакети на услуги кои се наменети токму за овие компании, а преку кои стремиме кон поефикасно и поефективно раководење со ресурсите. Можеби звучи едноставно, но наведеното е нешто што може да има пресудна улога за идното работење на старт ап компанијата. На пример, често се случува во пракса основачите да не го увидат долгорочниот ефект на финансиските трошоци заради задолжувањето во банка на резултатот на компанијата. Или, пак, да не прават јасна дистинкција помеѓу билансот на успех и паричните текови, ниту да се запознаени со клучните индикатори за работењето на компанијата, кои произлегуваат од овие извештаи. Заради тоа, често се случува младите компании значајно да погрешат во своите оценки за краткорочната и долгорочната одржливост на бизнис моделот кој го користат.

Затоа, ние сме тука како консултантска куќа за да им помогнеме на старт ап компаниите во планирањето на финансиите со подготовка на буџети, бизнис планови, финансиски извештаи, интерни процедури за работењето, помош при имплементација на контролинг системи и даночно советување. Нашата компанија, покрај ревизорските и сметководствените услуги и услугите за пресметка на плата, нуди и правни услуги, услуги за проценка и услуги од областа на вештачењето.

  1. Кои се вашите очекувања од БАУ?

За жал сите денес сме сведоци на одлив на образован и иновативен кадар од нашата држава. Еден од клучните фактори за овој процес е фактот што овие лица не го гледаат потенцијалот за личен и деловен развој тука, а не ги увидуваат ниту капацитетите кои ги имаме во приватниот сектор. Затоа, сметам дека поддршката и финансирањето на старт ап компании од страна на бизнис акцелераторот ќе има суштинска улога за развојот на квалитетни и иновативни идеи, кои ќе придонесат во дигиталниот и технолошкиот развој и во зголемување на извозот на наши македонски производи и услуги во странство. Наведеното ќе придонесе и до раст на нашата држава во макроекономска смисла.

Related Blog

Leave a CommentYour email address will not be published.