Предизвик за стартапи на ФИА – можност за стартапите и ИТ компаниите

Александар Стамболиев, Извршен директор на Бизнис Акцелератор УКИМ

 

Старт ап компаниите во земјава се подготвуваат за учество на ФИА предизвикот, во кој Бизнис Акцелераторот УКИМ и Авто-Мото Сојузот на Македонија учествуваат партнерски. Каква е вашата поддршка во процесот на аплицирање?

Aкцелераторот УКИМ се приклучи на иницијативата на АМСМ за да ги идентификува иновативните стартапи, да ги охрабри да аплицираат на предизвикот на ФИА и да им ја даде целокупната поддршка до крајниот рок за аплицирање – 28 февруари 2021 година. Овој повик е отворен за регија 1, која ги вклучува сите 103 клубови за мобилност од Европа, Африка и Блискиот Исток со вкупно 36 милиони членови. Потенцијалот на овој пазар и директниот пристап до одговорните лица во клубовите за мобилност од Регијата 1 на ФИА е голема бидејќи овозможува директна понуда на решенијата на македонските стартап и ИТ компании на потенцијалните клиенти.

Со аплицирање на овој предизвик, старт-ап компаниите ќе добијат сериозна поддршка од Бизнис Акцелератор УКИМ при подготовка на апликацијата. Зависи од потенцијалот на старт-ап заедницата и ние ќе инвестираме до 30.000 евра за дизајн и развој на производот или услугата, развој на прототип, проценка на пазарот, градење на тимот и / или рано генерирање приходи. Освен тоа, ги ставаме на располагање нашето искуство и ресурси на нашите партнери, на повеќе од 3000 професори од Универзитетот, на 25 ментори – успешни Македонци од Обединетата Македонска Дијаспора. Тука ги вклучуваме и експертите за иновации, развој на бизнис, маркетинг професионалци од клубовите за мобилност.

За да ги доближиме проблемите со кои се соочуваат вашите потенцијални идни клиенти и да дознаете повеќе детали за предизвикот, организираме панел дискусии со клучните раководни лица од ФИА. Минатата недела ја имавме Сарах Камбиер, одговорна за односи со јавноста која во детали го објасни процесот на аплицирање. Посебно внимание посвети на апликацијата (Pitch Deck). Нејзиното видео обраќање може да го проследите на: https://fb.watch/3zzvfIFCpG/.

Веќе утре (11-02-2021) во 17 часот ќе разговараме со Габриел Симчиќ, директор за членство на Светската Автомобилистичка Федерација, на следниве теми:

(1)   Како мобилити клубовите може да ја подобрат и иновираат употребата на автомобилите во иднина? Во оваа категорија стартапите се добредојдени да достават идеи, како на пример, во полето на: поврзани автомобили, модели на сопственост, безбедност на патиштата, електрична мобилност и влијанието на автомобилите врз животната средина и слично

(2)   Како клубовите можат да ги понудат најдобрите решенија за мобилност на своите членови? Во оваа категорија стартапите може да достават алтернативни решенија за мобилност, како на пример во областите: урбана мобилност; мобилност како услуга / по барање, решенија за микро-мобилност и слично

За да комунуцирате со Симчиќ, регистрирајте се на: https://zoom.us/webinar/register/WN_1cRayDnfTYGQlDBa4l2czA. Дополнително тој ќе даде осврт и на што треба да внимавате во апликацијата, бидејќи беше дел од тимот на претходниот предизвик.

Имаме ли старт ап компании кои може да одговорат на овој предизвик поврзан со автомобилите?

Тоа што континуирано го комуницира ФИА со јавноста а особено со партнерите АМСМ и Акцелераторот УКИМ е дека се отворени за сите иновативни решенија кои ќе ги задоволат постоечките и идните потреби на клиентите на клубовите за мобилност. Односно, предизвиците за кои ФИА бара решенија не се директно поврзани само со автомобилот, туку и за темите мобилност и услуги за олеснување на животот.

Акцелераторот УКИМ е убеден дека креативноста на македонските стартапи и ИТ компании ќе ги охрабри да се пријават со предлози за решавање на реални проблеми и предзвици на потенцијалните клиенти. Сакам да ве поканам да ги разгледате клубовите за мобилност од Регија 1 на ФИА на следниот линк: https://www.fiaregion1.com/about-us/members/ и да ги запознаете вашите потенцијални идни партнери. Истражете ги услугите кои ги нудат во моментов на своите корисници, какви се потребите на тој пазар (електрични возила, споделен транспорт), и идентификувајте реален проблем за кој сакате да понудите решение. Само на тој начин ќе бидете селектирани во следната фаза, во која ќе имате пристап до раководните, бизнис и маркетинг лица од сите клубови за да го унапредите вашиот производ или услуга, бизнис модел или технологијата која ја употребувате. Насочете го вашиот фокус на дефинирање на проблемот а особено на решението. Акцелераторот УКИМ е на располагање за сите консултации во оваа фаза, односно до крајниот рок за аплицирање на 28 февруари 2021.

На кое ниво треба да бидат развиен производот? Што добиваат компаниите кои ќе влезат во предизвикот на ФИА?

Предизвикот е отворен за сите регистрирани компании од целиот свет. Тоа значи дека конкуренцијата е сериозна и останува стартапи и ИТ компаниите од Македонија да пристапат на овој повик со прототип (proof of concept или minimum viable product). На располагање имате уште 18 дена до крајниот рок на повикот. Истражете ги проблемите на клубовите, погледнете ги вашите досегашни решенија кои сте ги создале и обидете се да понудите решение кое ќе одговара за корисниците на еден или повеќе клубови за мобилност. Само на овој начин може да бидете селектирани во следнате фаза, во која ќе добиете директен пристап до сите одговорни лица од 103 клубови за мобилност, односно до 36 милиони корисници. Предизвикот на секоја компанија е да обезбеди нов клиент. Е токму тоа е предноста на овој повик – директна комуникација со потенцијалниот купувач на вашиот производ. Искористете ги следните 18 дена, иновирајте или адаптирајте го вашето решение и аплицирајте.

 

Акцелераторот УКИМ ви е на располагање во целиот период. Ве очекуваме.

Related Blog

Leave a CommentYour email address will not be published.