Патот на претприемништвото подразбира голема упорност

ИНТЕРВЈУ СО ПРОФ. Д-Р РАДМИЛ ПОЛЕНАКОВИЌ, Професор по претприемништво и мал бизнис на Машински факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Раководител на Бизнис старт-ап центарот на Машински факултет и претседател на Национален центар за развој на иновации и претприемачко учење

 

1.    Долго време работите во областа на развојот на претприемништвото во нашата земја. Каде бевме, а каде сме сега? Како денес изгледа нашиот претприемачки екосистем?

На Машинскиот факултет предметот претприемништво и мал бизнис го воведовме во 1997 година, најпрво само на насоката за Индустриско инженерство и менаџмент, а потоа предметот стана достапен за сите студенти на факултетот. Идејата беше секој од студентите да има можност да ги согледа опциите за свој професионален развој и во насока на отворање своја старт-ап компанија, пришто би добил базично знаење за да може своите идеи и замисли да ги претвори во сопствена фирма. Како дополнително засилување на ваквите активности, во 2006 година со поддршка на Австриската развојна фондација, беше формиран Центарот за развој на нови бизниси кој овозможува специјализирана поддршка за започнување на сопствени бизнис. Во изминатиот период формирањето на околу 60 старт-ап компании беше поддржано од програмите на Центарот (со награден фонд од 1500 – 5000 EUR за формиран старт-ап).

Искуството стекнато во изминатите дваесетина години покажува дека целиот претприемачки екосистем во државава постепено созрева (иако лично сметам дека требаше ова „зреење“ да се случува многу побрзо). На почетокот имаше неколку иницијативи, главно водени од донаторски проекти (YES Инкубаторот, BSC Битола, Центарот за развој на нови бизниси, ЦЕЕД, итн.) кои поддржани од Министерството за економија и Агенцијата за промоција на претприемништвото ги поставија темелите на нашиот претприемачки екосистем. Со донесување на Законот за иновациска дејност, а потоа со формирање на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), значително се зајакнаа активностите во позиционирањето на домашниот екосистем. 

Особено во изминатите неколку години значително се зголеми и омасови финансиската поддршка за формирање старт-ап и спин-оф компании (30.000 EUR по ново формирана компанија), се основаа неколку нови акцелератори (меѓу кои и Бизнис акцелераторот на УКИМ) и центри кои ги поддржуваа младите да ги претворат своите идеи во реални бизниси. И програмата на Агенцијата за вработување која со години наназад се имплементира овозможува сериозни финансиски средства за започнување на сопствен бизнис (5000 по невработено лице со можност да се обединат неколку невработени лица и да се зголеми овој почетен капитал).

Дополнително на ова, преку ФИТР се зајакна и можноста за поголеми инвестиции и трансфер на знаење, иновативни технологии и решенија во веќе постоечки компании (преку програмите на иновациски ваучери, грантови за комерцијализација на иновации и технолошка екстензија).

Во насока на поголеми можности за финансирање на иновативните проекти, старт-апи и бизниси кои овозможуваат раст и развој, се и зајакнување на работата на фондовите за ризичен капитал во земјата, доаѓа до постепен развој на мрежите на бизнис ангели (иако се уште, многу спор развој), како и промена на менталитетот на банките кои ги олабавуваат условите за кредитирање на старт-ап бизнисите и т.н. „поризични“ бизниси и се повеќе поддржуваат активности во насока на промоција на претприемачкото учење, финансиската писменост, итн.

 

2.    Како во овој претприемачки екосистем се позиционираат универзитетите (професорите, истражувачите, студентите…)?

Сметам дека со исклучок на некои поединци кои ги има на сите факултети на Универзитетите во земјава, професорскиот кадар не ги користи доволно можностите кои во моментов ги нуди претприемачкиот екосистем во земјава. Тука, пред сè, мислам на искористување на можностите за финансирање на практичните истражувања кои ги реализираат колегите во рамки на својата секојдневна работа, како во делот на комерцијализација на добиените резултати, така и во делот на пренос на најновите знаења кон стопанските субјекти, што на крајот ќе донесе до трансферирање на идеите во производи/услуги кои ќе резултираат со старт-ап или спин-оф компанија. Нивото на знаења за оваа проблематика (започнување бизнис, поддршка за раст и развој, поврзаност со инвеститори и меѓународни пазари) е значително пораснато во нашата земја, има експертиза, но и поврзаност со бизнисот и целиот екосистем се подобро функционира. И бизнис секторот сфаќа дека доколку нема примена на најнови знаења и нови технологии нема раст и развој на компанијата! Се појака е и поврзаноста со инвеститорите и со меѓународните пазари кои многу ја олеснуваат патеката од добра идеја до формирање бизнис со потенцијал за раст и развој. Но, ова е едно взаемно патување во кое сите чинители на претприемачкиот екосистем треба да дадат свој придонес. И бизнис секторот треба повеќе да се отвори кон Универзитетите, но и академскиот кадар треба да излезе од своите канцеларии, училници и лаборатории и да покаже поголема проактивност. Секако, државата (како третата оска од т.н. троен хеликс) треба и понатаму да продолжи и да ја зголемува поддршката кон овие активности (поголемо финансирање на научно – истражувачката работа, повеќе старт-ап фондови, поголема поддршка за
претприемачкото образование на сите нивоа, почнувајќи од основното образование, средното и високото образование, итн.).

3.    Која е вашата порака до колегите од академската фела, а особено до студентите што ја имаат дилемата дали да отворат старт ап компанијата?

Секој си го избира патот на свој професионален развој. Работењето на универзитетот покрај образовниот елемент – пренесување на знаењата на следните поколенија, овозможува и многу истражување, но и апликативна дејност (пренесување на знаењето и искуството на пошироката околина – бизнис секторот и општеството во целина). Секој може да се пронајде себеси во некој од овие три основни сегменти, а најубаво е кога можностите се согледуваат во секој од овие области.
Патот на претприемништвото и основање своја компанија подразбира голема упорност, излегување од „комфорната зона“ на секојдневната работа, соочување со бројни пречки (недоволно знаење за одредени работи, немање финансии, немање доволно квалитетен човечки капитал, административни бариери, итн.), но потребна е истрајност и фокусираност. Ризикот е постојан придружник на претприемачите, но задоволството кога ќе се успее е огромно!

 

Мојата порака и до колегите и до студентите е – охрабри се и пробај! Ова интервју ќе го завршам со изреката која често ја кажуваме на нашите почетни обуки за започнување на старт-ап компанија: „Преземи ризик – доколку успееш ќе бидеш неизмерно среќен, доколку не успееш – ќе бидеш помудар за да можеш да успееш следниот пат. Нема откажување!“

Related Blog

Leave a CommentYour email address will not be published.