Понекогаш патот до успехот не е едноставен, но не треба да се потклекнува

Интервју со проф. д-р Миле Станковски, професор на ФЕИТ при УКИМ косопственик на spin off компанијата VISIONDYNAMIX

1. Кој е главниот мотив за почнување на старт ап бизнис авантурата?

Работа на универзитет претставува голем предизвик од повеќе аспекти. Во прв ред е работата со студентите, млади луѓе жедни за знаења што дава голем предизвик да се учи и да се совладуваат нови знаења кои понатаму треба да се пренесат на студентите. Можеби предизвикот да се учи целиот живот е еден од најголемите предизвици. Мојот пат на животниот напредок е невообичаен за нашата средина. Првите дваесет години после дипломирањето ги посветив на работа во индустрија и совладување на предизвиците кои ги носи тоа, истовремено надоградувајќи го знаењето кое резултираше со магистрирање и докторирањето од областа на авоматиката и роботиката. По завршување на овој дел од мојот живот одговорив на сосема нов предизвик – работа на универзитет, работа со студенти, работа на научно истражувачки проекти и продолжив со соработка со индустријата каде имав можност да ги инплементирам своите научни сознанија.

Работата со студентите на сите три циклуси на студирање е огромен предизвик, особено ако и тие се вклучени во научните истражувања. Како врв на сето оваа дојде авантурата која ја споменувате во Вашето прашање, почнување на старт ап компанија, која еве после четири години е етаблирана компанија со речиси десет вработени инженери и свои производи на пазарот. Ова е голем предизвик за човек како мене и особено задоволство кога ќе се видат резултатите од вложениот труд. Почетокот на нашата start up компанија е резултат на една магистерска работа која ја работевме со еден од моите студенти кој навлезе во тајните на начното истражување. После формирањето на компанијата, низ неа минаа редица мои студенти кои имаа желба да работат наука и имаа шанса да ја применат во пракса, особено што дејноста на компанијата е во многу предизвикувачка област – употреба и управување на дронови во креирање на систем за 3Д моделирање на простор.

 

2. Која е предноста на развивање научни трудови и ефектот од нивната примена во пракса?

Занимавањето со наука е навистина голема предност од сите аспекти, што подразбира осознавање на нови знаења, соработка со многу колеги од земјава и особено од странство и наоѓање нови решенија на проблемите. Доаѓањето но нови научни сознанија бара и нивна верификација, нивно претставување пред сватската научна јавност кое се прави преку претставување на научни конференции и објавување во релевантни научни списанија. Верификацијата на новите сознанија преку научни трудови е преку „ревјуирање“ на трудовите од релевантни научници во соодветната област што е верификација дека научното сознание е навистина ново научно сознание. Работењето на одредена научна област доведува до нови откритија и задоволството е многу поголемо ако тоа е применливо во пракса. Етаблирањето на своја spin off или start up дава поголема можност за имплементација на новото научно откритие во пракса и претворањето на науката во пракса. За мене ова е еден од главните предизвици во животот.

 

3. Кога почнавте да ги забележувате првите евидентни резултати од напорната работа?

Некои резултати од научната работа даваат резултати многу брзо, некои многу бавно, но научникот треба да биде свесен за тоа и да ги прилагодува своите очекувања. Искуството од мојата start up компанија е дека првите комерцијални резултати ги имаме по три до четири години и тоа не не обесхрабри да издржиме и да дојдеме до решение. Понекогаш патот до успехот не е едноставен, треба да не се потклекнува и треба да се оди кон целта самоуверено и цврсто.

 

4. Дали би препорачале и други колеги да ја применат вашата формула и да отворат старт ап компанија?

Од се срце и на секого од моите колеги и студенти им препорачувам да пробаат во областите за кои учеле и да ги применат во пракса знаењата кои ги здобиле за време на студирањето или научноистражувачката работа. Ова било предизвик оддамнина и особено е актуелен на светското ниво во моментот. Многу светки врвни компании започнале како start up компании.

 

5. Откако вашето академска искуство го пренесовте и во практична работа/бизнис, како се приспособивте на еден ваков животен стил?

Јас немав проблем со приспособувањето на ваков животен стил бидејќи целиот живот го живеам на ваков начин, работам по неколку работи во исто време. Задоволството од ваквиот живот е несразмерно поголемо во однос на жртвата која треба да се плати за тоа.

 

6.Ве молам, за охрабрувачка порака за студентите за кои секогаш Вие како професор сте пример?

На крајот и сакал да им препорачам на студентите похрабро да се впуштаат во новите предизвици и да совладуваат нови знаења кои би ги преточиле во пракса, да формираат свои компании особено во амбиентот кој е создаен во овој момент на нашиот Универзитет и на ФЕИТ со основањето на ИННОФЕИТ и Бизнис акцелераторот на УКИМ. Овде би ја истакнал и подршката која на ваквите компании им ја дава Фондот за иновации на Република Северна Македонија. Им пожелувам многу успех на новите претприемачи проилезени од УКИМ и им советувам да бидат похрабри во отворањето на свои бизниси.

Related Blog

Leave a CommentYour email address will not be published.