Не треба да се врзете за една идеја

ИНТЕРВЈУ СО ПРОФ. Д-Р ВЛАДИМИР ТРАЈКОВИЌ, професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при УКИМ. Професионалните интереси на Владимир Трајковиќ се фокусираат на ИКТ Колаборативни системи и поврзано здравствоТој е ко-основач или партнер во четири ИКТ компании, има направено консултантски услуги за управување со пет ИКТ компании и бил ментор на седум ИКТ компании. Тој е еден од основачите на невладини организации: ИКТ-АКТ и ДИГ-ЕД. Владимир Трајковиќ организираше или учествуваше како поканет предавач, ментор или судија на повеќе од 50 настани поврзани со промоција на нови ИКТ услуги, дигитално образование и претприемништво во последните 5 години.

 


  1. Кој е главниот мотив за почнување на старт ап бизнис авантурата?

Имаше различни мотиви. На почетокот главен мотив беше што сите ми велеа дека не е можно во Македонија да се прави софтвер кој би бил прифатен на глобалниот пазар, дека е тоа прескапо, преризично, дека немаме доволно познавања и така натаму и така натаму. Со текот на времето, за следните стартап авантури, тие тврдења останаа, но мотивот беше повеќе да се направи нешто по првпат на локално ниво (прва веб продавница), па после дури и на глобално (прва функционална мултиплатформска мобилна апликација за пратење на спортски активности). Денес предизвик ми е да се обидам да помогнам на млади луѓе што ме инспирираат (има доста такви J) Претпоставувам дека вистинскиот мотив е да се научи нешто ново, нешто што не може да се научи од книга.


  1. Која е предноста на развивање научни трудови и ефектот од нивната примена во пракса?

Има многу предности, но и многу предизвици. Главна предност е што научниот пристап ви дава структуриран пристап за размислување, но и ве поттикнува на изнаоѓање на нови решенија при тоа обезбедувајќи алатки за анализа на сите проблеми со кои ќе се соочите при воведување на тој пристап. Главен предизвик е времето односно брзината. Во науката не постои нешто како агилно прилагодување на методологијата, што е пракса (по мене, како научник, погрешна) во голем број на стартап компании. Да бидам јасен, агилно прилагодување на услови (на експеримент, на пазар) е различно од агилно прилагодување на методологија (научна постапка, договор за реализација).


  1. Кога почнавте да ги забележувате првите евидентни резултати од напорната работа?

Резултатите се забележуваат од временска дистанца. Додека работите на вашата идеја, доколку навистина работите, а не сте преокупирани со стартап животниот стил, едноставно немате време да забележите промени. Дури во моментот кога ќе застанете да земете воздух, и ќе направите ретроспектива што се случило во минатата година ќе можете да ги забележите резултатите, но и жртвите. Се радувам што и денес, иако малку заморен, сеуште се изненадувам кога ќе се потсетам каде сум бил пред една година.


  1. Дали би препорачале и други колеги да ја применат вашата формула и да отворат старт ап компанија?

Само доколку се спремни да бидат истрајни во тоа што го работат, бидат спремни да поднесат жртви, бидат спремни да се прилагодат да условите на пазарот, и конечно им е јасно дека не треба да се врзат за една идеја до крајот на животот. Ова го велам затоа што гледам колеги што мислат дека успехот доаѓа преку ноќ, или за неколку месеци, а тоа не е така. Гледам колеги што мислат дека можат да бидат успешни наставници, успешни во претприемачката аватура, и да одат на огромен број настани. Тоа едноставно не е можно, поготово ако не работите во тим. Ако работите во тим, мора да бидете спремни на компромиси, и во тимот, но и спрема пазарот. И конечно ако се врзат за една идеја, стануваат робови на идејата (бизнисот) и ја губат уникатната предност што ја имаат како истражувачи.


  1. Откако вашето академска искуство го пренесовте и во практична работа/бизнис, како се приспособивте на еден ваков животен стил?

Не верувам дека човек може да се приспособи, туку, едноставно, со текот на времето ги менува приоритетите. На почеток, моите приопритети беа да се направи успешно решение, па успешен систем во кој некое решение ќе функционира, па да се направи квалитетно апликативно истражување… Денес сум повеќе фокусиран на менторирање. Не верувам дека би можел повторно да го правам тоа што сум го правел пред 20, па дури ни пред 10 години.


  1. Ве молам, за охрабрувачка порака за студентите за кои секогаш Вие како професор сте пример?

Дали сум пример и дали треба да бидам пример за студентите не знам. Тоа треба да ги прашате студентите. Секој си ја бира сопствената приказна, и секој сам треба да реши што сака да направи со својот живот и какви траги сака да остави за тие што следат. Сепак, ако неккого го интересира, имам три совети.

  • Зошто? Многу студенти со кои сум разговарал, не го разбираат концептот на вредност. Која е вредноста што ја нудат на своите клиенти? Кои вредности тие ги негуваат, како личности или во компанијата што сакаат да ја направат? Како овие вредности се корелирани? Или поинаку кажано, зошто го прават тоа што го прават? Овие прашања, се чинат тривијални, но изгледа дека не се, или барем дека општеството во кое живееме често не дозволува луѓето искрено да ги признаат и споделуваат тие вредности. За жал, тоа незнаење или неискреност, создава сериозни проблеми кога треба да се донесуват одлуки во процесот на развој на идејата или компанијата.
  • Кога? Мислам дека кога еден човек е помлад тој е похрабар, но и побрз и понепромислен. Кога човек е поискусен, тој е поспремен, но и попретпазлив. Креативноста како предуслов за иновативност е некаде на средина од овие две страни. Студентите треба да почуствуваат кога ќе бидат доволно спремни, но сеуште и доволно храбри за да започнат нешто свое. Можеби нема да успеат, но нешто сигурно ќе научат. Ова е контрадикторна ситуација, но се чини дека ако порано се обидат, ќе имаат повеќе шанси за повеќе обиди.
  • Како? По мене, создавање на команија е како маратонско пливање. Треба да си истраен, спремен (компетентен), но пред се ментално силен. И потребна е сета вистинска помош што може да ја добиеш. Тоа вклучува ментори, партнери, но и клиенти. Сите тие треба да се слушаат, внимавајќи да се остане на сопствениот пат. На крајот, можеби ќе завршиш на различно место од оригинално планираното поради надворешни влијанија (водени струи), но доколку успееш, ќе бидеш горд на патот што си го поминал и на искуството што си го стекнал.

Related Blog

Leave a CommentYour email address will not be published.