Не плашете се да преземете ризици

М-р Бодан Велковски, асистент на Факултетот за електротехника и информациски технологии при УКИМ, 

партнер и управител на старт-ап компанијата ДТК Смарт-тек

1. Кој е главниот мотив за почнување на стартап бизнис авантурата?

Меѓу низата мотиви за навлегување во старт-ап светот, како главен мотив би ја издвоил страста и желбата за создавање вредности. За мене лично, голема мотивација претставува идејата дека производот или услугата во чиј развој сум учествувал, ќе создава вредност за другите. Својата старт-ап приказна ја започнав уште од студентските клупи, како дел од тимот на ДТК Смарт-тек, под водство на моите професори и ментори Владимир Димчев, Димитар Ташковски и Живко Коколански. Пет години подоцна, горд сум да кажам дека сум дел од една успешна старт-ап приказна. Чувството на исполнетост кое доаѓа со успехот на нешто кое си го создал претставува големо задоволство и своевидна награда за целиот вложен труд и е вистинска потврда на гореспоменатиот мотив. Покрај тоа, голема мотивација беше и предизвикот да се развие производ кој, барем во државава, е сериозен конкурент на светските технолошки гиганти.

2. Која е предноста на развивање научни трудови и ефектот од нивната примена во пракса?

Спојот на науката и претприемништвото може да биде многу ефикасен. Аналитичкиот пристап на бизнисот и практичната примена на резултатите од спроведено научно истражување овозможуваат согледување и анализа на одреден проблем или потреба од производ или услуга на пазарот. Истражувачите директно учествуваат во развојот на решението и следствено на тоа, имаат детални познавања на производот, како и проблемот или потребата која тој производ ја задоволува. Ова, во идеален случај, надополнето со добри менаџерски, финансиски и вештини за комерцијализација, речиси секогаш гарантира успех во бизнисот.

3. Кога почнавте да ги забележувате првите евидентни резултати од напорната работа?

Успехот ретко се случува преку ноќ и без многу вложен труд. Во нашиот случај, тој доаѓаше постепено, чекор по чекор. Почнувајќи од првиот добиен грант од ФИТР, развојот на прототип, преку конечната верзија на нашиот производ и првите клиенти сè до учество на меѓународни проекти, овие мали успеси беа дел од мотивацијата континуирано да вложуваме напори за раст и развој на компанијата. Секако, сумата на овие мали успеси низ годините е она кое носи вистинска сатисфакција.

4. Дали би препорачале и други колеги да ја применат вашата формула и да отворат старт-ап компанија?

Дефинитивно! Постојат голем број причини и мотиви за тоа и сигурен сум дека сите ги имате слушнато многупати. Јас би сакал да се осврнам на една поинаква, малку несебична причина. Младите луѓе заминуваат од државата во голем број. Една причина за тоа е нивната претстава дека тука не можат да работат на нешто иновативно, особено кај најквалитетните кадри. Сметам дека како претставници на академската заедница, наша обврска е да бидеме пример за помладите генерации, да им дадеме можност и да им покажеме дека и тука можат да работат, истражуваат и да ги развиваат своите идеи. Ова не е невозможно да се постигне, но бара сите страни: државата и институциите, универзитетите, професорите, компаниите и индустријата, да ја одиграат својата улога.

5. Ве молам за охрабрувачка порака за студентите?

Бидете упорни и истрајни во сè што правите; вложениот труд никогаш не е залуден и на еден или на друг начин секогаш се исплати. Користете ги студентските денови да учествувате во што е можно повеќе воннаставни проекти и активности; така најдобро ќе се запознаете и подготвите за предизвиците кои ве чекаат по дипломирањето. Не плашете се да преземете ризици и охрабрете се да ги развивате своите идеи. Најдобар период за тоа е за време на и непосредно по студирањето. Следете ги овие начела и успехот сам ќе следи.

Related Blog

Leave a CommentYour email address will not be published.