Централно место за интеракција со индустријата

ИНТЕРВЈУ СО ПРОФ. Д-Р ВЛАДИМИР АТАНАСОВСКИ, Продекан за финансии и соработка со стопанството на ФЕИТ и Управител на ИНОФЕИТ 

 

1. Кои активности ги превзема ИНОФЕИТ за поддршка на стартап идеи или започнување нов бизнис во Македонија?

ИНОФЕИТ е замислен како централно место за интеракција на академскиот кадар и студентите од ФЕИТ и УКИМ со партнери од индустријата. Во таа насока, постојано имаме активни дискусии, презентации на идеи, размена на искуства и разработување на иновативни концепти кон предлог проекти. ИНОФЕИТ работи во тесно фокусиран елемент од македонскиот иновациски екосистем, а тоа е развој на академски идеи во рани прототипови кои понатаму други актери може да ги превземат, развиваат, финансираат итн. Значи активностите на ИНОФЕИТ се нудење на огромното знаење што академскиот кадар на ФЕИТ го поседува во работа на иновативни проекти и помош во иницијално дефинирање на можен производ за нова компанија.

 

2.   Дали досега имате развиено нов и иновативен производ или технолошко решение?

Секако дека да. И тоа во голем број. Дел биле презентирани на меѓународни конференции (и освојувале меѓународни награди), дел се патентирани, дел се комерцијализирани од наши партнери. Она што особено радува е што развој се работи во сите области кои ги негува факултетот.

 

 

3.   Дали веќе се забележуваат првите евидентни резултати од вашата работа?

Една од главните активности на ИНОФЕИТ е поттикнување на договорното истражување и зголемување на довербата помеѓу академијата и индустријата. Во своето релативно кусо постоење од 2018 година, ИНОФЕИТ успеа да склучи 5 договори за договорно истражување со домашни и странски компании што е навистина респектабилна бројка. Сите договори се за истражувања кои резултираат во развој на реално прототип решение кое е многу блиско до комерцијализација. Еве и во последниот повик на ФИТР за доделување иновациски ваучери, ИНОФЕИТ доби 6 ваучери што е најмногу во Македонија од еден академски истражувачки ентитет. Така што слободно можеме да кажеме дека резултатите од нашата работа се мошне видливи.

 

4.   Каква е соработката со академската заедница и со стопанството?

Не е на она ниво на кое што реално може да биде познавајќи го капацитетот на нашиот академски кадар. Сметам дека треба повеќе да се работи на стимулација кај академскиот кадар да работи на иновативни и реални проекти. Истовремено, стопанството треба да се отвори повеќе кон академијата и да почне повеќе да ги користи нашите ресурси. Ние не се обидуваме да измислиме нов модел. Она што функционира секаде во светот се обидуваме да го примениме кај нас. Соработката помеѓу академската заедница и стопанството е во сечиј интерес.

 

5.   Молам за охрабрувачка порака до сите што се пред дилемата дали да отворат старт ап компанија?

 

Работата во стартап компанија најчесто значи работа и развој на нов, иновативен производ кој може да отвори многу перспективи. Фактот што сами ќе си
го креирате вашиот производ, вашата работна околина и ќе работите на предизвикувачки проблем е нешто што сигурно ќе ве однесе до крајните граници на вашите способности. Тогаш и сатисфакцијата е огромна. Секое скршнување од регуларниот и трасиран пат кон нови и неистражени области е и мотив, но и предизвик. Верувам дека секој што ќе се осмели и ќе го почувствува тој дух нема да биде разочаран. Се разбира, ова бара и големи жртви, постојано себенадградување, бришење на концептот на работно време и интердисциплинарно размислување и реагирање.

Related Blog

Leave a CommentYour email address will not be published.