Преку Акцелераторот УКИМ градиме мостови со локалната и глобалната индустрија

Интервју со проф. Д-р Никола Јанкуловски, Ректор на УКИМ

1.       Како најстар универзитет во Македонија сте ко-основач на Бизнис Акцелераторот УКИМ. Ова покажува дека академската заедница ги става на располагање своите знаење и вештини за подобрување на старт ап и бизнис климата?

Идејата за формирање Акцелератор на УКИМ потекна од два аспекта – oпштествената одговорност како академска заедница да му помогнеме на општеството и човештвото кога се соочува со сериозни кризи и предизвици и вториот аспект, потребата научните и стручни капацитети на нашиот Универзитет да се стават во функција на општествениот и технолошкиот развој. Имено, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со огромниот потенцијал на човечки ресурси во сите научни подрачја, големиот број лаборатории и материјални ресурси, ги задоволува сите предуслови за партиципација во акцелератор, во кој ќе може најефикасно да придонесе за развој на стартапи, забрзување на нивниот раст и развој и со помош на останатите содружници, за нивно меѓународно вмрежување и партиципација на глобалниот пазар.

УКИМ во континуитет создава апликативни решенија за потребите на локалната и глобалната индустрија како резултат на одличната соработка меѓу универзитетите, истражувачките лаборатории, компаниите и стартапите. Дополнително, комерцијализацијата на истражувачките проекти и идеи е дополнителен импулс за научно-истражувачките кадри и за нашите единици кои обезбедуваат дополнителни буџети за развој на науката и сите материјални ресурси неопходни за нејзино операционализирање.

Креативноста, квалитетот, знаењето и иновативноста која може да ја понуди УКИМ во соработка со трговските друштва основани од УКИМ, се значаен инпут за ефикасноста на Акцелераторот. ФИТР ги распознава нашите капацитети и нашиот квалитет и затоа го поддржа овој голем проект. Пред да се формира Акцелераторот, УКИМ формираше трговско друштво за трансфер на технологии – ИНОФЕИТ, кое многу успешно работи овие години. Тоа е место за развој и инкубирање на иновации и нивно етаблирање во мали спин-оф компании чија цел е да се зајакнат и пазарно да се позиционираат. Исто така од нашиот Универзитет се произлезени и неколку старт ап компании основани од колегите од техничките факултети, успешно етаблирани на пазарот и кои за својот раст и развој може да ги користат услугите на Акцелераторот.

2.       На кој начин УКИМ преку акцелераторот им помага на старт ап компаниите? Што точно компаниите може да очекуваат од Универзитетот?

Пред се, со пристап до научен и стручен кадар, мрежа на лаборатории од сите научни дисциплини, развиена меѓународната мрежа на партнерства со образовни, истражувачки и иновативни центри, учества во многу голем број меѓународни проекти на речиси сите единици на УКИМ и со тоа развој на експертиза и извонредност која многу користи во развојот и инкубирањето на бизнис идеите. Искуството на компаниите основани од УКИМ со нивната апликативна работа заснована на науката, го применуваат своето стручно знаење во развојот на локалната и глобалната индустрија.

3.       Колку студентите имаат визија за сопствени бизниси – како Македонија да ги препознае овие таленти и да ја финансира реализацијата на нивните идеи и креативни решенија?

Трансформација на образованието засновано на совладување на теоријата преку решавање на реални проблеми е предизвик во целиот свет. Образованието и универзитетите треба да се фокусираат на предизвикување на студентите – учење засновано на проблеми – за да ги држат подалеку од нивната комфорна зона. Во таа насока, кадарот на УКИМ прави сериозни исчекори кон унапредување на наставниот процес и напори да го ослободи креативниот потенцијал на студентите. 

Минатата година се поддржаа интердисциплинарни стартапи основани од студентите на УКИМ во понатамошниот развој на нивните идеи. Но, клучно е и времето на развој на идејата. Студентите треба да се ослободат од чувството на неуспех. Автоматизацијата и технологијата заменуваат голем дел од работните места, но само креативните млади умови како нашите студенти можат да ја поттикнат и создадат иновацијата и да создадат нови производи и услуги.

Во тој контекст современо поставеното високо образование, пристапот до лабораториите и знаењето на нашиот кадар, пристапот до можностите за инвестиции и финансирање од Акцелераторот УКИМ и од Фондот за иновации и технолошки развој овозможува добра основа на студентите и сите основачи и претприемачи да ги реализираат своите идеи базирани на иновации.

4.       Какви идеи и креативни решенија очекувате од студентите? Што е она што академската заедница може да го добие но и да го понуди како централна точка на соработка меѓу студентите и бизнисот?

УКИМ создава квалитетни високо-образовни кадри, креира научна подлога за развој на општеството и дава огромен придонес во развојот на државата. Всушност, нашите студенти и кадри се креатори и учесници на речиси сите големи индустриски капацитети во државата како: електрани, фабрики, технолошки процесни објекти и сè што може да замислите во светот на индустријата. Нашата визија е овој тренд да продолжи. Иако можеби се чини дека сè е веќе измислено, сепак едно е сигурно – има многу што од веќе измисленото да се унапреди, да се оптимизира и да се  подобри, а тоа секако води до нов изум, до нов производ. Особено сме горди на интердисциплинарноста на УКИМ, но и постојано бараме начини како да ја зголемиме соработката меѓу различните членки и институти, кадарот и студентите бидејќи тоа е успехот на иновациите. Синергијата на владината финансиска поддршка во акцелераторското друштво, универзитетот и бизнис заедницата се во светот веќе познати практики т.н. троен хеликс модел, кој можат да резултира со значајни ефекти за сите три страни.

5.       Акцелераторот се наоѓа во Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ на Факултетот за електротехника и информациски технологии, односно во просторот каде се споделуваат идеи меѓу студентите и професорите од различни факултети – членки на УКИМ и бизнис заедницата.

ИНОФЕИТ – Центарот за трансфер на технологии е визионерски формиран за да делува во поттикнување на трансферот на знаења од универзитетско ниво во реалниот сектор, трансфер и развој на иновации, луѓе и технологии од и во други земји. Центарот ќе работи на градење тимови и мрежи кои го овозможуваат трансферот на напредни и софистицирани знаења и технологии кон научно-истражувачката заедница и кон стопанството. Во таа насока ИНОФЕИТ дава помош при комерцијализација на иновациите, управување со интелектуалниот капитал, барање партнери, технологии, информации и наоѓање купувачи на правата од интелектуална сопственост и слично. Трансферот на технологија ќе се обезбедува преку континуиран и осмислен систем на обуки, сместување на фирмите на дадена локација, истражување и производство на прототипови на производи. Преку Акцелераторот УКИМ и ИНОФЕИТ градиме мостови со локалната и глобалната индустрија за да овозможиме пристап на нашиот креативен човечки капитал. Поврзувањето со академските институции, другите компании (дури и конкурентите) и високо-технолошките стартапи е клучно за одржување на конкурентската позиција, бидејќи времето станува се позначаен ресурс наспроти капиталот. 

Related Blog

Leave a CommentYour email address will not be published.