Годината зад нас беше година на иновациите

Интерјву со Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој

1. Веќе сме на прагот на 2021 година. Како ја завршивте 2020 година и сублимирано, што може да кажеме за годината што заврши?

И покрај сите проблеми и предизвици со кои се соочивме и ние и компаниите поради пандемијата со ковид 19, сепак сметам дека годината зад нас беше година на иновациите. Борбата за развој и „лекување“ на економијата не запре и само во 2020 поддржавме 266 компании, 39 училишта од целата држава, над 300 ученици и ментори.  Годината ја завршивме со  20 милиони евра заеднички инвестиции и годишна програма за 2021 година со која меѓудругото планираме отворање на дури 11 јавни повици (предизвици) со кои директно ќе им помогнеме на компаниите.

2. Колку КОВИД 19 пандемијата влијаеше на иновациите и на технолошкиот развој во светот и во нашата земја?

Сведоци сме дека, за жал, на глобално ниво компании кои со децении важат за гиганти, беа принудени да отпуштаат работници, да затвораат производствени погони или да ги кратат постоечките услуги. Голем број стопански гранки доживеаа силен удар, но некои годината ја завршија со неверојатен раст и профит. Пред се фармацевтските компании, ИТ секторот, но и сите оние кои брзо се прилагодија на новите околности и ги адаптираа своите услуги и производство, годината ја развршија успешно на економски план.

Фондот со кој раководам навистина се трудеше, низ различни активности и поволности, да им и помогне и да им олесни на компаниите. На самиот почеток на пандемијата беше објавен Креатон за прилагодување кон новонастанатите услови, понудивме кофинансирани грантови за технолошки развој и надминување на последиците од Ковид 19, отворивме јавен повик за доделување финансиски средства преку иновациски ваучери со кои ја стимулуравме и академската заедница, како и јавен повик за брза реакција од ковид 19 и дигитализација на 5 општини. На корисниците им понудивме и можност за привремено стопирање на активностите со цел да им го олесниме прилагодувањето на новата ситуација. Морам да напоменам и дека исплатите кон корисниците си течеа редовно и без доцнење на квартална основа по претходно одобрен извештај од меѓународни ревизори за искористеноста на средствата и реализација на планот на активности.

3. Ќе успеат ли иновациите и технолошкиот развој да бидат мотор на македонската економија? Кои се вашите очекувања и надежи?

Вкупното портфолио на поддржани во изминатите години брои 560 компании, 90 училишта од целата држава и над 500 ученици и ментори со вкупна сума од околу 76 милиони евра заеднички инвестиции. Голем дел од овие компании денес имаат иновативни успешни производи и услуги кои неретко собираат награди и на меѓународните пазари. Секоја една таква успешна приказна е уште поголем мотив и потстрек да продолжиме да ги подобруваме условите  за компаниите локално за да им помогнеме да се слушне за нив глобално. Кон крајот на минатата година успеавме да договориме нови соработки, да обезбедиме финансиска поддршка од странските организации и голем број нови активности кои верувам ќе донесат голем број иновативни компании. За оваа година планираниот буџет на ФИТР, коју во најголем дел е наменет за поддршка на домашните компании, изнесува речиси 750 милиони денари. Со новите мерки планираме да го зголемиме портфолиото на поддржани компании, да придонесеме за развој на постоечките компании и да поттикнеме отворање на нови претпријатија.

4. Најавувате и промени во Фондот. Во која насока ќе се развива ФИТР?

Од големо значење е ФИТР да стане што подобар сервис за постоечките корисници, но и да се доближат можностите до потенцијалните апликанти. Преку нови концепти креираме механизам за блиска соработка и поддршка на иноваторите, но и да продолжиме со поинтензивна двонасочна комуникација со апликантите кои не добиле кофинансиран грант при првото аплицирање. Меѓу корисниците имаме токму такви компании, кои не се откажале, ги примениле насоките и коментарите од Комитетот за одобрување на инвестиции и на некој од наредните повици биле успешно поддржани. Годинава ќе имаме повеќе иницијативи кои ќе бидат главен фокус а некои од нив се секако работењето на Стартап советот, основање на т.н. Fund of funds – развој на хибриден модел на финансирање за посериозен развој на еквити финансирање на домашниот пазар. Со ова ќе обезбедиме дополнителни средства од приватен капитал и меѓународни финансиски институции да се влеваат во различни инвестициски фондови, а потоа да бидат инвестирани во приватни фирми преку влез во нивната сопственост. Во врвот на приоритети се и иницијативата за формирање Регионален фонд за иновации на ниво на Западен Балкан и привлекување на дигитални номади преку создавање на  услови со кои земјава ќе стане атрактивна дестинација за нив. Ќе бидеме една од ретките земји која на претприемачи од странство ќе им понуди можност да се преселат и да работат од овде. Овие луѓе ќе донесат позитивен ефект за локална економија и отворени шанси за соработка и вмрежување со македонските стартапи.

5. Каква е соработката со Бизнис Акцелераторот УКИМ?

Со Бизнис Акцелераторот УКИМ како и со акцелераторите Х фактор од Велес и Сеавус од Скопје имаме одлична соработка. Сметам дека инвестирањето во основање и развој на акцелератори за нас е од особено значење бидејќи преку нив се овозможува техничка поддршка и финансии за млади луѓе кои ги реализираат своите идеи преку стартап компании односно брзорастечки бизниси. Фондот во соработка со Светска банка во нивниот развој инвестираше речиси два милиони евра. Поддршката ќе продолжи и во иднина со цел економско зајакнување, отворање на нови работни места и конкурентност на пазарите и во поразвиените земји.

6.Како да ги мотивираме младите да влезат во сферата на бизнисот и старт ап заедницата?

Веднаш по моето назначување активно почнав да работам на сериозни измени и подобрувања за стартап екосистемот. Во годишната програма предвидуваме најмалку три јавни повици и предизвици кои ќе бидат наменети исклучиво за стартап компаниите. Преку иницијатива за сет нови решенија и законски измени, Фонд за иноваци и технолошки развој со Стартап советот ќе работи на редефинирање на статусот стартап, на лоцирање на проблемите, со цел поголем развој на стартап екосистемот. Од особена важност е поедноставувањето на административните процедури, поголема едукација, отворање можности за вмрежување на македонските стартапи и развој на стратегија за социјално претприемништво. Планираме отворање на неколку регионални хабови преку трансформација на постоечки државни објекти и трансформација на македонско село во стартап село.

На презентацијата на Стартап советот нагласив дека останува отворен за сите кои ќе сакаат да се вклучат со свои идеи и да дадат конкретен придонес. Главна задача на Советот секако е лоцирање на проблемите и предлог решенија кои ќе одговорат на реалните потреби на претприемачите, односно стартапите. Советот ќе биде активен учесник во креирање на идните политики кои се однесуваат на овие компании, ќе предлага мерки насочени кон подобрување на организацијата на работењето на јавниот сектор и институциите што ќе резултира во поедноставени процедури и поквалитени јавните услуги, како и препораки за намалување на товарот и трошокот врз стартапите со интервенции во правната регулатива и законската рамка со цел полесен пристап до капитал и негова мобилизација. Целта на овие активности е раст на бројот на стартапи и позиционирање на земјата како стартап и регионален хаб.

Related Blog

Leave a CommentYour email address will not be published.