Технолошките стартап компании – избор за побрз економски и личен развој

 Интервју со Ѓорѓи Маџаров, ко-основач на Елевејт глобал

1. Бизнис Акцелераторот УКИМ објави дека Ви дава 100.000 евра поддршка во развојот на Вашиот производ? Може ли, накратко, да ни го објасните производот што го создавате?

ASAP –  автономно решение за моделирање и предиктивна анализа на временски серии базирано на вештачка интелигенција и машинско учење. Решението овозможува собирање податоци од различни сензори, автоматизирана анализа и визуелизација на податоците, како и автономен избор на предвидувачки модел. Решението е предвидено да се користи од страна на енергетсктата индустрија. Тоа го намалува времето и напорот за моделирање и предвидување на енергетските параметри. Генерира точни и ефикасни краткорочни предвидувања за потрошувачката на електрична енергија и за производство на обновлива енергија (соларна и ветер). Овозможува учесниците во синџирот на снабдување со електрична енергија да ги намалат (оптимизираат) количините на прекумерна, односно недоволна електрична енергија, регулаторните казни и трошоци за балансирање.

2. За што ќе ги искористите овие финансии? Освен пари, каква друга поддршка очекувате и ќе добиете од БАУ? 

Најголем дел од средствата ќе бидат искористени за бизнис развој, маркетинг и подготвување за следната рунда инвестиции. Останатиот дел од средствата ќе бидат искористени за технички развој на продуктот. Човечкиот капитал е незаменлив. Тимот во рамки на нашата компанија генерално има техничко искуство. Експертизата во другите области ќе биде многу значајна и незнаменлива во овој процес, такашто на тоа поле очекуваме најмногу поддршка.

3. На промоцијата на првата инвестиција од БАУ присуствуваа и Фатмир Битиќи, Заменик на претседателот на Владата на РСМ задолжен за економски прашања, Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој, Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ. Што значи ова за старт ап компанија како што е Елевејт глобал?

Претпоставувам, стратешка заложба за подигнување на претприемништвото во нашата земја. Очигледна е заедничката желба за глобален успех и препознатливост од страна на различните институциски ентитети. Изминатите неколку години напорно се работи на воспоставување и канализирање на еден многу значаен процес во кој ги правиме пионерските чекори. Процес од кој никако не смееме да се откажеме, иако е многу тежок, динамичен и ризичен. Инвестициите во високо технолошките стартап компании се очигледен избор за побрз економски и личен развој, подобрување на конкурентноста и на бизнис климата.

4. Што е потребно за да се почне со старт ап компанија која од локална ќе прерасне во европска, можеби и светска приказна? Како да ги охрабриме младите да почнат сопствена успешна бизнис приказна?

Се уште немам одговор на ова прашање, но се надевам дека во блиска иднина ќе го знам одговорот, а Вие повторно ќе ми го поставите истото прашање. За почеток, многу учење, многу трпение, многу желба, многу работа, многу жртвување, самодоверба, храброст и неоткажување. За младите мојата порака е образование, образование, образование и натпревар. The winner takes it all…

5. Вие, заедно со вашиот колега, сте дел од академската заедница. Колку тоа Ви помогна и Ви го олесни процесот на создавање на старт ап приказната? Академската заедница, претставена во УКИМ, дава поддршка на сите вакви идеи за развој на старт ап заедницата.

За жал, образованието кај нас е на маргините. УКИМ и останатите академски институции буквално се мачат да држат чекор со новите трендови на денешната наука. Претпоставувам, ситуацијата е малку подобра само на техничките факултети поради сеприсутноста на проблемите од оваа област и можноста за ефтино аплицирање на некои решенија. Нашата стартап приказна е целосно поврзана и плод на долгогодишните истражувања во областа и акумулираното искуство. Од друга страна, УКИМ, како и другите институции кај нас, прави пионерски чекори за препознавање и поддршка на идеите за развој на стартап и спиноф компании. Систематизацијата на овој процес е неопходна и претставува макотрпен чекор на кој ќе треба да работиме во наредниот период.

 

 

Related Blog

Leave a CommentYour email address will not be published.